МАРТИНА МИТРЕВСКА, родена 1997 година е лирски сопран, која љубовта кон музиката ја негува од своите рани години. Дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, на отсек соло пеење во класата на проф. доц. Иван Наумовски, а првите три години од своето студирање ги поминува во класата на проф. м-р Марија Муратовска – Наумовска. Паралелно е дипломирана и на отсек Музичка теорија и педагогија на насока Сонологија со мултимедија.
За време на своето образование учествува на сите организирани концерти од страна на факултетот, но и на проекти надвор од истиот како: Руска Романсијада, Musica Viva, и Млади оперски надежи „Коста Трпков“ со оркестарот на Македонската Опера и Балет. Исто така била член при неколку хорски состави: Женски Младински Хор при МКЦ, и мешаниот хор ,,Драган Шуплевски“ под диригенската палка на маестро Сашо Татарчевски, и хорот „Рустико“ на маестро Запро Запров. Својот глас во однос на естрадната поставка го школува кај проф. Александра Коцевска, додека во раните години темелите ги има поставено со Андријана Јаневска во музичкото училиште „Ентерпрајс“.
Била дел од „Сите наши песни“ при МРТВ, а и „Кастинг Талент Шоу“ за мјузиклот „Тајно моја” каде е дел од самото финале. Се појавува солистички на концерти со Битолскиот камерен оркестар, камерниот оркестар на „Студентско лето“ во Босна и Херцеговина и на други концертни манифестации.
Има издадено три авторски песни кои ги има изведено на фестивалот Макфест. Во моментот е ангажирана како вокален концертен изведувач на танго музика заедно со камерниот состав Агогик, со кој почнува соработка од ноември 2022. Исто така, е дел од тимот на Елена Ристеска како пратечки вокал на нејзините настапи. Пее во црковниот хор при „Рождество на Пресвета Богородица“.